Wikisource mkwikisource https://mk.wikisource.org/wiki/%D0%93%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B0 MediaWiki 1.47.0-wmf.4 first-letter Медиум Специјална Разговор Корисник Разговор со корисник Wikisource Разговор за Wikisource Податотека Разговор за податотека МедијаВики Разговор за МедијаВики Предлошка Разговор за предлошка Помош Разговор за помош Категорија Разговор за категорија Автор Разговор за автор Page Page talk Index Index talk TimedText TimedText talk Модул Разговор за модул Event Event talk Сиромашкото момче и лисицата 0 10021 22371 21751 2026-06-01T14:36:59Z Orce Wiki 3746 22371 wikitext text/x-wiki {{Заглавје |заглавје =Сиромашкото момче и лисицата |глава = |претходна = |следна = |забелешки =Фантастична приказна. |автор = македонските народни приказни |текст= <poem> Во еден царски град до царските сараи си седела една жена вдовица и вдовицата си имала едно дете машко; детето од вдовицата било многу лично и многу силно, та сите деца од него се боеле, само син му на царот не му се страшел, чунки царски син бил и многу пати играл царскиот син со од вдовицата детето на секакви играчки детински. Играјќи еднаш двете деца со некоја играчка, и не знам како беше згрешило детето од вдовицата и беше го удрило по глава, без да сака, и му ја расцепило главата, та на часот беше му линало крв од главата како некоја река. Од кога беше го доболило јако, син му од царот писнал да плаче и отрчал дома да го наклевети на царот. Трештило и детето дома, та ѝ кажало на мајка си за тоа нешто, оти му ја расцепил главата на син му од царот. – „Оф, бре синко, што те натера гревот што го стори тоа чудо, плачејќи му рекла, ти слагај се сега веке умрен, ја дури е бргу качи се на таван и земи ја пушката од татка ти со паласките, со фишеците, та спрашти ја кај ти очи, таму ти и глава; ако куртулисаш жив, ќар ќе ти биде животот, а пак ако те фатат, што си сторил, тоа ќе најдеш". Кога чуло детето од мајка си тој збор, на часот беше се качило на таван и зело пушката од татка си, опашало паласките со фишеците и трештило да бега, кај му очи, таму му и глава. Цел ден што бегало прекутрупа, без да се сврти назад и да види дали трчаат по него. До некое место го стемнило, и се притиснало до некое дрво, та преспало некој саат и пак рипнало да бега; бегало неколку дни и, кога дошло во некоја пустелија, нашло едно езеро во езерото имало илје и милје диви пајки. – "Ха, еве ми лов за мене, беше си рекло само со себе, ја чекај да отепам некоја, та да се изнајадам". фрлило со пушката и си отепало од пајките и си се изнајало. – „Одовде потаму нема да одам, си рекло само со себе, овде има да живеам триста години, чунки има пајки да си јадам". Близу до езерото си нашло една голема пештера за живеење и пред пештерата си направило една убава колиба, та си се курдисало да си седи и да си живее. Со денеска, со утре си се научило детето таму да си живее, од дома уште поарно. Си тепало пајки, си фаќало колку што му душа сакала, и си се ранело. Живеејќи баги време детето таму, во една зима фатило голем студ, чунки паднал таму голем снег, момчето беше си приготвило уште од летото дрва и немало гајле од студот, Чунки си палило огон и си се греало. Од големиот студ што бил таа зима, голем зорт беше виделе сите ѕверои таму. Гледајќи чадот од колибата што излегуал од огнот на момчето, го видела една лисица и се пуштила по дебелиот снег да трча и да појде, за да се огрее троа. – „Јас ќе одам да се огреам кај огнот, си рекла сама со себе, та ако сакаат, и нека ме отепаат поарно, отшто да умрам од студ во снегов". Дошла на вратата од колибата и му се молела на момчето да ја прибере внатре, за да се огрее. Му се нажалило на момчето и ја прибрало лисицата внатре. Од кога се огреала лисицата арно, се настранила покрај огнот и се опулил наугоре, та видела една пајка обесена и, бидејки лисицата гладна, и се посакало да си касне троа пајка, за да заголни душа. – „Ти се молам, бре момче, ако не ми дадеш троа од пајкана да каснам, му рекла, за да заголнам душа, оти од пустава зима ке си умрам од глад; па и јас може некогаш да ти сторам некое добро, чунки јас сум царот на лисиците“. Жалосливо бидејки момчето и атарџија, ја даде пајката, за да јаде лисицата. Ден, два поминале, лисицата нејќе да си оди, чунки и се заарнило, и си велела со умот: „Ако барам одовде поарно, белата си ја барам". И на момчето му се заарнило, чунки лисицата го муабетисуаше и му суправаше куќата, како некоја домакинка. По некој ден го сетил и волкот чадот од колибата, и тој беше му пошол кај момчето, та го молил да го прибере внатре, за да се огрее, оти ке умре од студ за чудо големо. – "Аман, бре брате и ти сестро кума лисо, пуштете ме внатре, им рекол волкот, за да се огреам, оти ќе умрам од студ". Кога го виде момчето волкот, умре од страв, чунки бил од најголемите волци. – Што велиш, лисицо, ја прашало момчето, али да го пуштам?" – "Е, пушти го, сега дошол на врата, му рекла лисицата, туку да го подврзиме, за да не се пули горе на колиба". – Е, лели си дошол сега, повели, му рекло момчето, ела да се огрееш". Си влегол волкот во колибата, и лисицата му рекла: „Слушај ваму, кир волку, еве те прибра момчево внатре, ама ич не ќе се пулиш горе на колибата, оти без чест ќе си одиш после". Влегол волкот во колибата и, од кога се изгреал арно, си рекол сам себе: „Ај анасана, оти ми рече кума лиса да не се пулам горе во колибата, ја чекај ќе се опулам, за да видам што има". Арно ама лисицата се во очи му се пулела на волкот за да не го остави да се опули угоре и да види пајката обесена. Најпосле, беше се престрашил волкот од кума лиса и се опулил горе; кога гледа – пајка окубена обесена. – „Аман, бре момче, те молам, ако не ми дадеш од пајкана, да каснам малку, оти сум прегладнел, да ако дојде некоја сара, можам да ти поможам во некоја голема ихтиза, чунки јас сум царот на волците“. Виде невиде момчето, му ја даде пајката на волчка и го нарани, при се што му се срдила кума лиса, и отиде та си отепа други пајки и си окуба, та си ги обеси во колибата. Кога виде волкот оти момчето донесе други пајки, си рекол со умот: „И јас ќе си седам овде co кума лиса и со ова арно момче". Така велејќи волкот, си се отурдисал и се сторил како домакин, а лисицата домакинка. И со волкот момчето се понаучи и му се заарни, чунки се разговараше и се шенеше. По малку време го видела една мечка чадот од колибата од еден рид и ѝ текнало оти има огон, та слегла долу кај колибата и се прибрала до вратата, та видела огнот кај што горел како некоја варница; без да праша али ја прибираат, рикнала еднаш силно и им влегла внатре, та им рекла на сите што беа внатре: „Е, пријатели, јас ви влегов дома, сакате, нејќете, гостин ќе ме имате". – „Е, гостин биди, мечко, и повели седни да се огрееш, и рекло момчето". – „Џанам, арно гостинка ќе ни бидеш, баба мецо, и рекла лисицата, туку ќе те молам од страна на момчево да не се пулиш угоре во колибата". Кога чула мечката тој збор од лисицата, бидејќи посилна од лисицата и од волкот, не остави време за после да се опули горе на колибата, како волкот што беше направил, ами на часот беше се опулила горе на колибата и беше видела пајка обесена, та го помолила момчето да и даде од пајката да касне. – "Момче бре, му рекла мечката на момчето, знам јас оти ти си домакинот на колибава и кума лиса со волчко ти се гости, а кума лиса бидеќи е многу стрвна за јадење кокошки и пајки, тики ми заповедуa jac да не се опулам горе и да видам оти има пајка и да не ти посакам за да јадам; арно ама ти не треба да ја слушаш неа, ако си умен, ами треба да ми дадеш од пајкана, за да каснам, оти сум премрела за јадење, да и јас, ако сум човек, сум, ако не сум, страмот ќе е на мене. Ти треба да знаеш оти јас сум царот на мечките, и ако ти дојде некоја ихтиза голема, можам да ти сторам големо добро". – „Вистина така е тетка мечко, и рекло момчето, на, повели касни од пајкава и повели седни крај огнов, за да се огрееш, оти си издемнала". Се курдисала мечката крај огниште и, од кога ѝ се ви дело арно, и таа си останала како другите гостинка. По малку време и од мечката беше се престрашило момчето и му се заарнило. По некој ден го видел еден орел чадот од колибата што излегуал, и долетел да види дали ќе има нешто за јадење. Едно влегуење во колиба, и го пречекало момчето како гостин. Лисицата и на орелот му рекла да не се пули во колибата горе, арно ама, непендек е кога да му велиш нешто на човека за да го сопираш од нешто, да не прави, уште повеке го прави, тики и орелот не можел да се додржи, за да не се опули горе во колибата. Едно ја видел пајката обесена, и му се посакало да касне. – „Ако не ми дадеш, бре момче, од пајкана да каснам, оти сум прегладнел, му рекол, да и јас, ако сум човек, сум; ако ти дојде некогаш некоја голема ихтиза, јас можам да ти поможам, чунки и јас сум царот на орлите, како што се мечкава, волков и лисицава“. Од кога му се заарнило на орелот, и тој беше си останал гостин кај момчето. Не би час, еве ти го царот на зајаците, и тој дошол на вратата од колибата и му се помолил на момчето, за да го прибере во колибата да се огрее. – Ти се молам, бре момче, ако не ме прибереш в колиба да се огреам, оти сум изземнал", му рекол. Знаејќи лисицата оти зајак не јаде месо, и мислејки оти ако и се стори ихтиза за да го јаде, беше се озвила понапред таа отшто момчето и го покани зајакот внатре, за да влезе и да се огрее. – "у, како не ќе те прибереме, бре зајаку, му рекла лисицата, ела, ела повели внатре, седни, огреј се, оти и ти си душа, да ако ни потребаш за да те пуштиме за поштација, па и ти ќе не поризаш тогај". – „Пеки, кума лисо, рекол зајакот, што измет сакаш, тоа ќе ви сторам, само речете ми, и готов сум да одам". Си влегол и зајакот в колиба и, од кога му се заарнило и нему, и тој си останал таму како домакин. Момчето само им носи пајки и ги рани сите и им пали огон да се греат, а тие само муабети и смеи си правеле, Чунки лисицата им ѓаволуала и се смеала. Во сите работи лисицата им заповедуала и тертип им клавала, ова вака било, она онака да било и бидејќи ги кандисуала со итриштињето незини, сите ја слушале, и како што ке речела таа, така ќе било, – цела домакинка на таа планинска куќа и на тие ѕверски царен. Поминала зимата, и дошла пролет, арно ама тие си се деле со момчето во колибата и оттука давале заповед по своите за некакви работи што си имале ѕвероите; зајакот, при се што бил и тој цар на зајаците, арно туку бил поштаџија, и кај што имале некоја ихтиза, го пуштале, за абер бргу да однесе и да донесе. Момчето веќе си се навикнало со нив, како свои луѓе да си ги имал, ги честело од мерата надвор, а најповеќе лисицата ја честело. На таа чест што му правело на лисицата, и таа сакала да му стори некоја чест голема, чунки овој век таков е: честа чест носи. Думала лисицата, шестала, каква чест да му стори, и и текнало. Еден ден беше го извикала момчето на една страна и му рекла: „А бре момче, знаеш, што сум издумала нешто, али не знаеш?" – "Откај ќе знам, мори кума лисо, што мислиш ти, кажи ми, да знам, и рекло момчето". – „Јас сум намислила да ти ја земам од царот ќерка му за нвееста; што велиш, сакаш да бидеш царев зет, али нејќеш?" – „Џанам, која мачка нејќе риба, да и јас да нејкум царева ќерка, мори кума лисо, и рекло момчето, туку ич можеш ти да ја зе меш, кога е затворена во едни големи сараи?" – "Е, нели ти ја сакаш, му рекла лисицата, трај си ти сега, моја работа е таа; јас како правам, правам, со арно, со лошо, јас ќе ти ја донесам овде“. Од кога виде лисицата оти сака момчето да му ја земат царевата ќерка за невеста, ги викнала на една страна мечката, волкот, орелот и зајакот, та им отворила тој муабет и им кажала еден тертип, за како да ја земат царевата ќерка. – Е, честити цареи, знаете оти овој век е курдисан на чест, Демек, ако ти стори некој една чест или едно добро, треба и ти да му сториш и да му го вратиш тоа добро и таа чест, им рекла лисицата, да за честа и доброто што ни направи момчево во таа тешка зима нам, треба и ние да му вратиме вудве. Ќе појдеме кај царот и ќе му ја грабиме керка му, та ќе му ја донесеме на момчево за невеста. Ете, од таа чест поголема нема што да му направиме, браќа!" – „Слушајте сега, браќа, како сум намислила, за да ја украдиме ќерка му од царот: „Јас ќе се сторам еден орач, а вие, мечко и волчко, ќе се сторите на место волои, и ќе ве спрегнам во еден плуг, а ти зајаку, ќе се сториш терач на волоите, и ќе појдеме во цареви широки дворои, та ќе му го ораме дворот; ако е портата затворена, ти, зајаку, ќе влезеш низ геризот во сарајот и ќе ни отвориш порта, за да влеземе внатре. А пак ти, брате орле, ќе стоиш згора на царските сараи и ќе гледаш со четири очи кога ќе излезе царевата керка во дворот за да гледа сеир, кога ќе ораме ние, чунки орањето наше за чудо ќе им биде на царот и на царевата керка, та тогај ти пушти и се и грабни ја, та до неси му ја овде на момчево, ама гледај со мукает да ја носиш, за да не ја убиеш со ноктите нешто. Од кога ќе ја грабиш ти, брате орле, ние ке си побегнеме и ке си дојдеме овде. Еве каков тертип сум курдисала, браќа моѝ, сега што велите вие, арно е вака, али лошо? А пак ако знаете вие некој тертип поарен, кажете". – „Еј, мори кума лисо, зер ние од тебе повеке ќе знаеме тертипи да курдисуаме? и рекле; поарен тертип од тој што си го курдисала ти не ни треба, чунки нам не ни фаќа умот од тебе повек е; да ај да се спремаме и еден саат побргу да му одиме, за да ја свршиме оваа работа". Од кога виде лисицата оти кандиса мечката и другите, и виде оти не знаат поарно нешто да кажат, зела та се спремала, и една ноќ му се кошнале кај царот. Бидејќи царските порти биле затворени, влегол зајакот низ гериз во сарајот и им отворил портата, та му влегле во царските дворои и почнале да ораат. Тамам тогај било време, кога беше биле сите растанати. Седејќи царот на пенџере и пиејќи каве, ги видел ѕвероите кај ораат. – Што анасана, си рекол со умот, али е вистина она што гледам, али е лага? Ја чекај, да а викнам царицата и ќерка ми да видат и тие, и после да се кандисам на моиве очи". Трчаница излегле царицата и ќерка и на чардак, и едно пуштање, орелот беше ја грабнал царевата ќерка и беше ја дигнал ќерка му од царот, и си летнал угоре во облаци, та му ја однесол кај момчето на колиба. Спискала мајка ѝ, дотрчал царот, да види што се стори. Кога се научил, на чудо беше станал. Пискале, плакале сите што биле во сарајот, и си останал царот без ќерка. Дури пискале и плакале, лисицата со мечката, волкот и зајакот трештиле на бегање и си отишле в планина кај момчето, и ете ти го царев зет беа го сториле. Со голем страв била неколку дни царевата ќерка, живеејќи покрај ѕверои, арно туку човек се учи на тоа што ќе најде, и си се научила царевата ќерка од дома уште поарно, чунки си ја зела милоста со момчето. За јадење и за пиење што и душа сакало, тоа и се носело од цареите на ѕвероите. И царевата ќерка многу ги честела, чунки гледала оти сите неа ја честеле. Сета куќна работа таа беше ја зела в раце и ич не ја оставала лисицата да фати куќна работа. Од кога ја дигна орелот царевата ќерка, царот распратил по целата земја луѓе, за да ја бараат по сите планини, по дрвја и камење, и кој ќе ја најде, голем бакшиш ке земе од царот. Што ти велаат: царска рака долга, и далеку достига, – беше ја нашле некои луѓе кај што била во пустелијата, во колибата, со момчето и со ѕвероите. Кога ги виделе ѕвероите луѓето, им се пуштиле да ги направат парчиња, арно ама царевата ќерка беше ги измолила за да ги простат, и уште еднаш да не дојдат таму. Кога чуле ѕвероите молбата од царевата ќерка, ги оставиле луѓето, а тие си отишле кај царот, та му кажале оти му ја нашле ќерка му во филан пустелија, во една колиба да живее со ѕверои. Кога чул царот оти таму била ќерка му, заповедал да појде многу војска, да ги истепаат звероите и да ја избават ќерка му. Се спремала војската и тргнала за да оди во пустелија та. Арно одела војската, туку не знаела што ќе ја најдело од ѕвероите. Итра бидејќи лисицата, од кога си отишле луѓето што ги измолила царевата ќерка, беше направила еден мезлич со мечката и другите и другари и им кажала оти ќе дојде некоја голема потера од кај царот, за да ја земат ќерка му. – Знаете, другари, што ќе не најде сега бргу од царската страна?" им рекла. – „Што има да не најде, мори кума лисо, и рекла мечката и другите, од царската страна? Кажи ни, да те чуеме". – Голема потера ќе прати царот, за да ја куртулиса ќерка си одовде, туку еве јас како велам да направиме: нека летне орелот и нека појде близу до градот, за да види дали ќе иде војска ваму, како што ви велам; ако иде, бргу да дојде назад и да ни стори абер, та да се приготвиме и ние со војските наши". На тоа нешто што им кажала лисицата, и одобриле, и одлетал орелот да види дали ќе иде војска. До пол пат беше летал и беше срел војска царска, кај идела кај нив. Се вратил орелот назад со голема брзина и им кажал на другите. Кога чуле тоа нешто од орелот, веднаш се допрашале од лисицата како да прават. „Еве како ќе правиме, браќа, им рекла лисицата, ние сме сите цареи; сите ке дадеме по една заповед на своите, да се соберат овде, до што може да носи оружје и да се допреме на војската царска: орлите озгора да фрлаат камење на војската, а нашата војска наземи да ја удри војската од сите четири страни, и бездруго ќе ја победиме царската војска. Ај нека појде зајаков со голема брзина и нека им стори абер на сите, за да дојдат овдека. И ти, брате орле, стори абер по вашите, да дотрчаат овде час побргу". Се спуштил зајакот како некој силен татар, и одлетал орелот, та им сториле абер на сите. – „Здраво-живо имате од царот, им рекле на мечките, како да знаете еден час побргу да појдете кај него, до што може оружје да носи, оти има голема ихтиза. Здраво-живо имате од царот, им рекле на волците, до што може да носи од вас оружје, сите да појдете, оти има од вас голема ихтиза. Здраво-живо имате од царот, им рекле на лисиците, до што може да носи оружје, сите да појдете кај него, оти има голема ихтиза од вас. Зајакот веке си ги поканил своите, така и орелот, и сите пет големи и силни ѕверски војски беа отрчале кај цареите. Бидејки лисицата поитра, неа беше ја нарекле како садриазам на сета војска, за таа да дава заповед на војските, која кај да стои, која отпрвин да удри. И едно беше дошла царската војска, кај што биле орлите закриени, веднаш беа летнале сите над нив и – јалла кафпен! – се расфрлале со камење Одозгора на царската војска. Кога видела војската тоа нешто, беше се учудила и беше се исплашила многу. Свртиле пушки наугоре спроти орлите, спукотеле гоа да ги отепаат, арно ама, ич можело во облаци куршумот да појде, та да отепаат орли? Дури да слезат орлите да си земат камење наземи, и се пуштија ѕвероите од четири страни на царската војска, та сета беше ја направиле комиње, дармадаана, и трештила царската војска назад да бега. Ни барем половината не се вратила назад. Кога видел царот, пратил уште дветолку војска, болаик и да ги победат ѕвероите, арно ама пак не беше могле да ги надбијат. Треќи пат пратил царот тритолку војска, и треќи пат пак беше се разбила војската царска и се вратила назад разбиена. Од кога видел царот оти ништо не можел да им стори на ѕвероите, удрил по магесници да бара крај, чунки така беше му рекле философите: надворештињето му ја грабиле ќерка му и тие ги собирале ѕвероите, за да му ја вардат ќерка му. Барал ваму, барал таму и нашол една стара баба од првите магесници, та ја пазарил многу скапо, за да му ја избави ќерка му од ѕвероите. Зела бабата еден ќуп голем, полн со магии, и ја однесле во пустелијата, та и ја кажале оддалеку колибата кај што била ќерка му од царот. Квечерината се прибрала бабата до колибата и и се помолила на ќерка му од царот да ја прибере во колибата, оти есиромашка. И се нажалило на царската ќерка и ја прибрала. Седејќи неколку дни бабата, остана сама ќерка му од царот едно утро, и тогај нашла време бабата за да ја граби. – Блазе си ти, ќерко, и рекла бабата, што си ја имаш колибава и си живееш во неа, а не како мене проклета, што живеам во ќупон на место кука". – Уу, бабо, како можеш да живееш во ќупон? – и рекла царевата ќерка, – јас саде тоа не ти го веруам дури не видам". – „Е, нели не ме веруаш, ќерко, ела да видиш", и рекла старата, чунки тоа нешто беше го чекала, и отишла бабата во ќупот, та влегла внатре, и дојдуајким до ќупот ќерка му од царот, за да ја види бабата внатре, ја добавила за рака и ја тргнала в ќуп и неа и, бидејќи ќупот бил магепсан за кога да има две жени внатре, туку веднаш беше летнал на ветер, со ветроштињето, и право си отишол кај царот. Царот се израдуал, а момчето и ѕвероите беа се нажалиле, кога беше не ја нашле в колиба. – Ах, проклета баба, беше рекла лисицата на другите, таа ни ја граби ќерка му од царот; чекај да види царот што машко сум јас, али му ја земам ќерка му, али умирам". На лутината згора се спремала лисицата пак со плугот и му отишла во царските дворови пак да ора. Орелот беше се засолнал на некоја страна и, едно беше ги видела царевата ќерка, и текнало оти за неа беше дошле, да ја земат. Дури да стори царевата ќерка едно здраво-живо со нив, орелот од ненадејно беше ја грабнал и ја однесол кај момчето. На часот беше си избегале лисицата и другите кај момчето. Кога се научи царот оти пак му ја грабија, пак пратил многу пати војски за да ги победат ѕвероите, арно ама не би возможно да ги победи. Прати магесници, назад не беа си дошле. И од кога виде оти со лошо не се излегуе на глава, пратил риџации да моли со голема молба да појде момчето сосе ќерка му кај царот, за да му биде домазет. Кандисло момчето да оди, ама сосе ѕвероите да оди. И со тоа кандисал царот, само ќерка му да му е дома. Дошле многу кочии од кај царот и ги зеле сите да ги однесат кај царот. Секој од звероите си зеле од своите војски но себе, и му отишле кај царот. А царот ги пречекал со голема чест и си живееле таму дури биле живи. </poem> }} {{ЈС-непознат}} [[Категорија:Македонски народни приказни]] [[Категорија:Народни приказни собрани од Марко Цепенков]] qxjkk3fpa6p0bxcs3scwp4ir1r991sj Невена и деветте ѝ браќа 0 10213 22369 2026-06-01T13:15:05Z Orce Wiki 3746 Создадена страница со: {{Заглавје |заглавје =Невена и деветте ѝ браќа |глава = |претходна = |следна = |забелешки =Волшебна приказна. |автор = македонските народни приказни |текст= <poem> Једна жена си имаше девет синои и една ќерка. Сторила ниет да ја мажит сестрата од деветте бра... 22369 wikitext text/x-wiki {{Заглавје |заглавје =Невена и деветте ѝ браќа |глава = |претходна = |следна = |забелешки =Волшебна приказна. |автор = македонските народни приказни |текст= <poem> Једна жена си имаше девет синои и една ќерка. Сторила ниет да ја мажит сестрата од деветте браќа. Од многу места ја сакаат за да ја земат од градо кај што беа. Арно ама ја посакале од некој град друг. Местото кај што ја сакаа многу беше арно и беа многу богати. Осумте браќа неќеа да ја даат на туѓина. Малиот сакаше на туѓина и најпосле на негоото биде, и ја омажија на туѓина. Откога ја омажија чупава, многу му падна жал на мајка му, а најпоеќе на деветте браќа. Од голема жал се поболија и еден по еден сите умреа. Остана мајка му како кукаица. Вати та исцрни сите ѕидои од куќите и покри со црно платно сите куќи. Дење и ноќе само плачеше и пискаше и од жалојте незини, чоек пред портите не поминуаше, нито па в порта је влегуаше. Обрасте пред портата и трева до рамена. Од жалој чоек да се опулеше, страв од срце ќе го ватеше. Пустата мајка ништо не работеше, само на гробишта си одеше на ранина и тамо цел ден на деветте гробој си плачеше на секого со ред, од големио до најмалиот, редеше и плачеше, а на најмалиот је син многу пати и тука заспиваше. Многу жалеше и понекоаш во тажењето го колнеше најмалиот је син, оти тој се сторил себеп, за да ја омажат ќерка је на туѓина, за да ја немат сега покрај неа. Плачи денеска, плачи утре и цели ноќи кални, од солѕи што ронеше пустата стара, вир вода гробо му го подводи на Костадина. Од много додевање на мајка му од Костадина, му се здодеа и го помоли Бога за да му ја врати душата во мршата за една ноќ. И сполај му на Бога, му ја врати, и отиде кај сестра му на порта да клука. Клукна еднаш, дваш и сестра му чу. — Кој је тој што клука — рече таа жалоито — сега ноќна доба? — Ја сум, мила сестро Невено, брат твој Костадин, отвори брго! Отвори пустата сестра Невенка и го грабна, та го избакна брацки и со солѕи горешти на очите и со стресен глас му рече: — У, бре брате, што вака ми мирисаш земјоина и мувлоина? — Земја сум работил, златна сестро, затоа мирисам мувлоина, туку ајде приготви се брго за до одиме, оти требаш за да се најдиш дома, да је помогниш на мајка. — Мило брате, ти се молам, право да ми кажиш, што солкувија ме викаш? Дали некој брат имам умрен? Дали мајка умрена е? — Брго, сестро, спремај се оти доцна останавме. Виде-невиде Невенка, се пригоди и си зеде алишта жалосни и радосни и си тргна со брата је да оди. Одија, одија до стред пат и чу Невенка глас од едно црно пиле кај си пееше и си велеше: — Цицир, вицир, цицир-вицир, кај се чуло и видело мртво момче да воскресни и да води по себе сестра си? — Али чу, бре брате, како пејт црното пиле што стоит на суана ехла? — Оди, сестро Невено, така ти се чинит и ти се озиват во оваа пуста пустелија, црнава планина, така ти се сонива, оти си замислена. Замолче сирота Невена, и изврвеа старата планина. Штом зора пукна, и стигнаа на порта своја. — Ов, брате Костадине — го праша — ами оти нашите порти со олкаа трева израснале? Оти сите куќни ѕидој поцрниле? Ами што се оние жалосни мајкини гласој онолку жални? Клукна брат је силно на порта, како нажалено и збогум му рече. — Ти, сестро, за сè што ме прашаш, мајка ќе ти кажит, оти јас немам време да стојам; осумте твои и мои браќа ме чекаат од град надвор при татка. И невиден се стори од пред неа. Тогај је текна на сирота Невенка за пилето што је пееше на пато оти брат је бил умрен. Излезе пустата и поцрнена мајка за да отвори пустите порти. Кога ја виде ќерка си Невена, ја грабна и в очи ја целива и ич не можеше збор да је проговори. Таа плачит и таа плачит прегрнати, паднати на колена. Кој помина, се застана, од жалои се расплака. По некој саат, одвај свеста малку им дојде, и праша мајка си Невена: — Мајко, мајко, мајко, кај се мојте девет брака? Зашто Костадин ме донесе доовде и ми рече: збогум сестро, оти ќе одам кај браќа ми од град надвор, тамо со татка биле и него чекале. — Ов, златна ќерко, моја ладнино, на душа брат ти Костадин да те има и тебе и мене, што се стори себеп и те омажи на туѓина за да не си при мене; кога 'и женив браќа ти, 'и пратив сите домазети, та си останав јас сама како кукаица; ја ќерко да ојме и куќите од браќата да му 'и почестиме. Кога чу тија зборој Невенка од мајка си, му се разрадуа срцето и му се стори оти вистина и оженила браќа је. Ја поведе по себе, и кај ја однесе? Од град надвор, на гробиште. — Еве му куќите, златна Невенко, на деветте мили твои браќа, сите со ред наредени! Падна наземи пуста Невена и одвај 'и доцелива деветте гробој и си умре згора на гробо од малиот Костадина. — Ду! Керко, ќерко, дали и ти тоа чудо ми стори! — свика старата и си падна на Невенка и таа си умре. И се стори чудо за приказна. </poem> }} {{ЈС-непознат}} [[Категорија:Македонски народни приказни]] [[Категорија:Народни приказни собрани од Марко Цепенков]] mv7gu67az2pplvjy419882ekcq322mw Царската ќерка со барабанот 0 10214 22370 2026-06-01T14:32:59Z Orce Wiki 3746 Создадена страница со: {{Заглавје |заглавје =Царската ќерка со барабанот |глава = |претходна = |следна = |забелешки =Волшебна приказна. |автор = македонските народни приказни |текст= <poem> Една царска ќерка стори ниет да се мажит за какво и да е момче, само да можит да се скриет н... 22370 wikitext text/x-wiki {{Заглавје |заглавје =Царската ќерка со барабанот |глава = |претходна = |следна = |забелешки =Волшебна приказна. |автор = македонските народни приказни |текст= <poem> Една царска ќерка стори ниет да се мажит за какво и да е момче, само да можит да се скриет некаде, и цареа ќерка ќе го бие тремпетето и ќе го барала кај било скриено: ако го најдела, ќе го загубела, а пак ако не го најдела, ќе го земела за маж. Тоа нешто беше се расчуло по целото царсто и оделе многу момчиња, и никое не можело да се скрие за да го не најдит, ами секое го наоѓала и после го загубуала. Некое момче од далечна страна тргнало да оит кај цареа ќерка за да ѝ се криет; одеиќим дошло на една пустелија покрај море и видело една риба голема, еден орел, еден волк и една лисица, кај туку се карале на една глаа од некоја мрша. Едно го видоа тие момчето, и беа рекле: — Ха, еве едно момче, нека ни ја раздели глаата за да не се караме веќе. Зело момчето и му ја разделило глаата на секого по токмо. Кога видела рибата оти добрина му сторило момчето, изваила една лушпа и му дала на момчето: — На ти ја оваа лушпа, момче — му рекла — и ако ти дојдит некоаш некоја голема неола за да ти потребам нешто, дојди овдеа и нагори ја лушпата на трад запален, и јас веднаш ќе ти излезам за да ти поможам. Изваил и орелот едно перце, волкот и лисицата по едно влакно, и тие му 'и дале и му рекле како што беше му рекла рибата. — Седете со здравје — му рекло момчето и пошло при цареа ќерка и ја прашало дали сака да се криет. — Ејди, момче де — му рекла цареа ќерка — да што ти се скусиле и тебе дните што си дошло од толку далечно место за да ми се криеш мене; ејди, момче, во волов рог да се скриеш, и пак ќе те најдам јас; ај лели сакаш, оди и кри се. Сопрво отишло момчето кај рибата, запалило трад и ја нагорило лушпата. Штом и мириснало на рибата лушпата и излегла на крајот. — Што дојде, бре момче? — го прашала рибата. — Дојдов за да ме скриеш, мори посестримо, оти сум се обложил со цареа ќерка за да се скријам, и таа ќе ме барат биејќим тремпето; ако ме најдит, ќе ме загубит, а пак ако не ме најдит, ќе ја земам за невеста. — Ела, момче, влези в уста да те скријам — му рекла и го голтнала, та влегла во длабината морска и нашла тамо рибата трите ѝ ќерки незини. — Зини, мори ќерко, да влезам во тебе, да скриеме едно момче, зини и ти, ќерко — је рекла и на другата — за да влези сестрата со мене во тебе, да скриеме едно момче пријател наш. Така му рекла и на треќата. И така влегле риба во риба и се сториле четири риби наедно и стреде — момчето во длабината морска. Станала рано на утрина цареа ќерка и зела тремпетето за да го бара момчето кај се скрило. Удрила тремпетето, сопрво го побарала по земјава, не можела да го најдит, пак удрила тремпетето по облаци, барала, барала и тамо не го нашла, се опулила в море и тамо го нашла во рибите. — Бре, што беше ова криење, бре татко, на ова момче, досега еве толкуа момчиња кај се кријат, ама ваквоо криење досега не ми се скрило како ова што влегло стреде во четири риби! Го изблуале рибите, и је дошло на цареа ќерка. — Е, девојко, ме најде кај бев? му рекло момчето. — Те најдов, момче — му рекла цареа ќерка — не беше во четири риби внатре, дури стред море? — Е, тамо бев, девојко, туку ќе одам уште и на неколку места да се кријам. Отишло кај орелот, го жегнал перото, и му втасал орелот веднаш. — Што ме бараш, бре момче? — го прашал орелот. Тоа му казало како што му кажало на рибата. Го кренал орелот на плеќи и го извишил вишно небо. Другото утро удрила цареа ќерка тремпетето и го побарала в море, не го нашла, а кога го барала по облаци вишно небо, го нашла на орелот згора. И затоа беше кажала на татка е, и беа се чудиле на негоото криење. — Бре, да видел Господ, бре татко, кај се скрило момчево што го барам, дури вишно небо, вкачено на еден орел! — му рекла на татка е. — Туф, мори ќерко — је рекол татко е — браос на негоиот ербапл'к, неќум лакрдии, греота е таков јунак да го загубиме. Туку ај да видиме до кај ќе ја истерат. Го симнал орелот наземи и откоа си рекле збогум, си отишло кај цареа ќерка, та ѝ се преставило пред неа. — Е цареа ќерко — ѝ рекло — ме најде кај бев скриен али не ме најде? — Оф, бре момче, што те жалам дека ќе загиниш младо и зелено, и треба да знаиш оти во волов рог да влезиш и да се скриеш, пак јас ќе те најдам. Туку ај изим ќе ти даам да се криеш до колку сакаш ти, болаќи да те најдам. Остај оти ќе те најдам, туку ајде да речиме оти ќе се скриеш. Еј сега не беше скриен во вишно небо? Не беше на еден орел вкачен? — Еј, вистина тамо бев —му кажало момчето — честита цареа ќерко! Јас ќе се кријам уште двапати, да како ќе ми поможи Госпо. Така му рекло момчето и отишло при волко да се крие. Отишло кај што му се даде влакното од волко. Извадило чантето со огнилото и секнало еден трад, та запалило и го жегнало влакното од волко. Едно смирисување волко влакното, и ќорлемечки дотрчал кај детето. — Што е, бре момче? Што зорт имаш што ме викаш? Кажуј, ич не бој се — му рекол. — Зордот ми е голем, пријателе — му рекло мом чето — затоа те викав. — Еле, еле кажуј да чујам — му рекол волкот — и ич не бој се, чунки јас сум цар на сите волци, та можам да ти поможам и да те скријам. — Многу ти благодарам, пријателе волку, на гајрето што ми го даваш и честа што ми ја праиш — му рекло момчето — маката и зордот ми е, пријателе, да ме скриеш во некое скришно место кај што да не можи чоек да ме најди, макар и да ме бара три години и наум никоаш да не му иди на чоека кај сум скриен. Чунки сум ватен со облог со цареа ќерка, што бие со тремпетето и 'и бара момчињата што се кријат како мене сега. Ако го најди, ќе го погуби, а пак ако не можи да го најди, ќе ја земи за невеста. За така имам и јас облог со неа, пријателе волку. — Е лели тој ал си имал, ела по мене да те скријам, да ако те најди, ашколсун ќе и речам му рекол волко и го зел по себе момчето, та го носи во една пуста пустелија. Го внесе во едни длабоки пештери, во едни дупки дупени преку девет планиње. Го држа тамо цели три дни и три ноќи. На треќио ден го изваде волко момчето од дупките и го испрати за кај цареа ќерка да оди. Кога станала цареа ќерка да го бие тремпетето и да го бара момчето, коа го нашла во длабината на планињето, на големо чудо станала и веднаш го викнала татка е. — Татко, татко — му рекла — што беше ова чудно чудо од ова момче! Види кај се скрило, татко, во длабината на девет најголеми планиње, при царот од волците. — Браос, ќерко — е рекол - белки и к'смет твој да е, чунки ваквоо криење друго момче не се скрило, ни па ќе се скрие. — По тоа после дошло момчето и се преставило пред цареа ќерка. — Е, цареа ќерко, ме најде — ѝ рекло — кај бев скриен, али не ме најде? — Море јас те најдов, момче, при волко скриено, туку те жалам, оти ќе си загиниш млад и зелен; за тоа како што ти реков во волов рог да се пикнеш, и па ќе те најдам. Ај оди, кри се пак, момче, да можи да ти се погоди на ќорото и да ме земиш му рекла. Тргна момчето и појде кај местото од лисицата кај што му даде влакно. Секнало трад и го жегнало влакното на огнот. Едно го смирисала лисицата влакното, и дотрчала при момчето. — Што е, бре момче — му рекла — што мака имаш? Што ме викаш, кажи е на сестра ти кума лиса да чуе? — Ех, сестро кума лисо — је рекло момчето — ќе ти кажам и ќе ти прекажам, туку не знам дали ќе можиш да ми поможиш и животот да ми го избавиш од кучка цареа ќерка, што бие со тремпетето и 'и наоѓа момчињата што се кријат, та 'и погубуат. Ете тоа ми е маката, кума лисо, и мене сега ќе ме загини, чунки кај се скрив, се ме најде. Последнио пат е сега, што идам при тебе за и ти да ме скриеш, да ако ме најди од твоето криење, ќе ме загуби, а пак ако ме не најди, ќе ја земам за невеста и ќе се сторам царев зет. — Бре, таа мака си ја имал? — му рекла кума лиса, како очудена на момчето — ич да се не боиш, брате мое, нека сум ти жива јас. На колку таквие курветиње јас сум му скројала ќуљаво, да знаиш ти! Да и на оваа со тремпетево ќе е го скројам куљаво, ама сакам да ми кажиш ти како си се крил и кај си се крил досега, да да знам што да праам после — му рекла. — Да ти кажам, кума лисо — му одгоорило момчето — јас откоа поминав овде, коа ви ја делив глаата, отидов при неа, и се обложивме да је се скријам некаде и ако ме најди, да ме загуби, а пак ако не ме најди, да ја земам за невеста. — Ха, после кај отиде? (Така му велела кума лиса, се дури је кажуало момчето.) — После, сестрице лисо почнало момчето откоа се обложивме, сопрво отидов кај рибата што ви 'а делив овде глаата. Изваив чакмак-ќесето го одврзав, си изваив огнилото и камчето, секнав еден трад и ја жегнав лушпата што ми ја даде кога ви 'а делив глаата, и на часо втаса сирота риба. Откоа је кажав алот оти сакам да се скријам, со голем ќеф ме лапна в уста и влезе во длабината на дно в море, та 'и најде трите ѝ ќерки и влезе во едната, ќерка е со неа влезе во сестра е и сестрите со неа и со мене влегоа во треќата. И така ме скрија во четири риби една во друга, во стред морцката длабина. Кога се најдов во толку скришно место скриен, сестро лисо, од радос ќе излетав, чунки веруав, оти не ќе можи да ме најдит. Арно ама, откоа излегов и појдов кај цареа ќерка да ја прашам дали ме нашла, се зачудив коа чув да ми кажи оти во четири риби сум бил скриен на дно в море, и ми рече: „Во волов рог да се скриеш, момче, јас па ќе те најдам, туку се почудив како си можел да се скриеш толку скришно во четири риби и на дно в море“. Ете од тоа, кума лисо, се уплашив коа ми рече оти во волов рог да се скријам, па ќе ме најдела и ќе ме загубела. После отидов при орело, сестро лисо, и тој ме зеде на себе, та ме вкачи вишно небо, и цареа ќерка и тамо ме најде. После отидов кај волко за и тој да ме скриет, бериќатврс'н и на волко, и тој многу се опечали да ме скрие низ девет планиње. Арно ама јудата цареа ќерка и тамо ме најде. Ете тој ми је алот, сестро, сега ти татко, ти мајка; ако ме избавиш од оваа мака, нема да ти го забораам твоето добро, во веки кај век. Откоа го ислушала кума лиса момчето, се изнасмеала и го повела по себе да го крие. Кај ќе го однеси да го скрие ноќта — у цареа ќерка дома, во нејзината аз-бафча. Во бавчата од цареа ќерка имало една јаболкница што раѓала ката ден по едно јаболко, големо колку еден кош, и што туку ќе паднело наземи, ќе пуштеше измеќарите цареа ќерка и ќе си го донесеше во незината одаја да ѝ седи. Знаејќи тоа нешто лисицата, го испразнила јаболкото и го шукнала момчето внатре, оти е отворено, и го остаи под јаболкницата да седи момчето во јаболкото. Го научи и како да ѝ речи на цареа ќерка коа ќе го крши тремпетето. Како секое утро цареа ќерка што погледуала во јаболкницата да види дали е паднато јаболкото, така и тоа утро погледа и, едно го виде паднато јаболкото, прати измеќарите да го кренат на тезгере и да ѝ го донесат во одаја. И го донесоа и го кладоа в долап да е стоит. Зела цареа ќерка тремпетето и почнала да бие и да го бара момчето, прво по земјата, после низ морето, по небото и по сите страни на веков, арно ама не можела да го најди никаде и на часо го викнала татка е, та му рекла: — Ах, бре татко, јас не можам да го најдам момчето, ќе се сторам за страмота што ќе земам едно момче сиромашко; кажи, бре пусто и штуро тремпете, каде е момчето, оти сега ќе те напраам парче од парче! Колку го викнала наземи да го скрши, и му излегло момчето од јаболкото, та ја ватило за рака и је рекло: — Немој, цареа ќерко и моја мила невесто, не крши го тремпетето, оти тоа не е од лисицата поитро. Коа виде цареа ќерка тоа чудо, да је се скрие момчето во јаболкото, ништо друго не беше рекла отколку си го венчала и си го воцарила и си го ќердосала. — Браос, синко, на твоето криење, — му рекол царот на момчето — и алал да ти е ќерка ми, за век да си ја ќердосаш! </poem> }} {{ЈС-непознат}} [[Категорија:Македонски народни приказни]] [[Категорија:Народни приказни собрани од Марко Цепенков]] n9ow3s29wbxwyduz4wyqx79nmz9dk5f